Contemporary Art, Kultura, Projekti, Vijesti

Kanal 77: Уметничката магија на Едина Селешковиќ во Скопје (Видео)

Мерилин Монро одамна рече: „Дај и’ ги на жената вистинските чевли и таа ќе го освои светот“. Ние би додале: „Дајте и’ го на босанската уметница со светска слава, Едина Селешковиќ чувството на слобода и таа ќе го направи истото“. Суштината на нејзиниот пристап од инсталацијата со наслов „Мисли слобода“, ја покажа пред светот, па дојде ред и на Скопје.

„Многу сум среќна што сум во Скопје и гледам дека Скопје станал навистина убав гранд. Уште поголемо е задоволството да седам овде и анонимно да набљудувам како луѓето реагираат на инсталацијата. Најдобрите реакции всушност доаѓаат од децата. Овој прокет има цел да ја поврзе публиката со современата уметност“, изјави Селешковиќ за Канал 77.

Повод за нејзиното гостување беше отворањето на Скопско лето. А идејата која ја реализира од различни точки на планетава има цел да прати пораки за мир и слобода, инспирирани главно од младите луѓе. Селешковиќ се родила во Босна и Херцеговина, студирала во САД и не можела да се врати дома поради војната. Па со нас сподели колку ваквата ситуација направила да се врзе со поимот слобода уште посилно.

„САД ме научи на многу нешта, но првенствено на тоа да не гледам во минатото, туку да гледам кон иднината. Трагедијата која ми се случи е дел од мене и ми помогнала да направам нешто кое инаку не би можела да го направам. Па така, уметниците понекогаш, кога се соочени со најтешките животни околности, ги создаваат најдобрите дела.“- додаде Селешковиќ.

Студирала во Вашингтон, се вљубила во Њујорк. Спомена дека и во Скопје би можела лесно да се вљуби.

„Дефинитивно би можела да се вљубам во Скопје. Во луѓето, во климата, со убавината на градот и со вашата храна. Имате навистина одлична храна. Инаку она што го сакам во Њујорк не се зградите. Бидејќи животот таму всушност и не е така удобен. Ми се допаѓа тоа што има креативни луѓе кои дошле во овој град за да си ги исполнат своите неверојатни соништа“, изјави уметницата.

И нејзиниот колега од македонските редови, уметникот Филип Фидановски одблизу ги доживеа птиците кои слобода значат. Инсталацијата на улица Македонија, е доказ повеќе дека сме жедни за убави концепти. Токму таков е оној на кој се потпишува славната Едина Селешковиќ. Пораките од Македонија, сега ќе допрат до светот благодарение на нејзината импресивна уметност.

 

Во прилог можете да ја погледнете видео верзијата од настанот.

Leave a Reply